
Дали има живот без песна? Мелодијата ја разоткрива и радоста и тагата, и среќата и болката. Од генерација на генерација, од колено на колено се предаваат магичните тајни на пеењето и самовилскиот ритам на орото. Во Струмица има многу фолклорни групи и ансамбли. Македонските девојки и момчиња ќе Ви ги испеат најубавите македонски песни, ќе играат за Вас фатени во магигичниот круг на орото. КУД „Тримери“ ќе ви ги изведат „Пиринско пролетно цвеќе“ и „Повардарие“, а КУД „Гоце Делчев“ од Босилово познатото „Комитско оро“.
Фолклорната група „Распеани струмичани“ ќе ви ја долови магијата на старата изворна македонска народна песна. Ќе ви ja испеат антологиската „Во Струмица на улица“ и било која друга македонска песна што ќе посакате да ја слушнете... А кога ќе запеат, не ќе можете да издржите а да не запеете и Вие, не ќе можете, а да не им се придружите на тие златни грла.
На другата страна пак, во регионот Гоце Делчев има 40 самостојни фолклорни групи во селата, секоја со своја носија, со свои песни, која од која поубава. Во Гоце Делчев е создаден првиот „Ансамбал за народни песни и ора“ во Бугарија. Годините не го измориле, па пее и игра со оган во очите и жар во срцата и крева на нозе полни сали низ цела Европа. Во музејот во Гоце Делчев ќе откриете необични музички инструменти. Искусните раце на Петар Карамфилов го тераат железото да пее. Без ноти и искуство, на чудесниот инструмент, и Вие можете да јa засвирите вашата мелодија.