Културна загатка, Струмица - Гоце Делчев

Информатор

Содржина
Соработка
Живи традиционални занаети

Во с. Добрејци, во близина на Струмица, грнчарот Милан Божинов во Вас ќе ја разбуди креативноста преку своите уметнички творби. Тој е уметник со неверојатно чувство за несекојдневна убавина. Од покривите на ателјето ни мавтаат крилјата на ангелите, а несекојдневни суштества ѕиркаат од секој агол во прекрaсно декорираната цветна градина. Ни сами нема да поверувате како глината ќе се покори во Вашите раце и ќе извајате чудна вазничка, грненце... подарок од срце за драг пријател. Милан само Вам ќе ви раскаже за уникатната техника „раку“.

Во ателјето „Аманита“ во Струмица ќе ве пречека Ленче и ќе ви ги покаже своите несекојдневни витражи, украсните чинии, уметничките слики, разгледници и други рачно направени предмети. Секако ќе посакате да си понесете со себе некој од овие прекрасни сувенири за спомен од едно прекрасно патување.

Во с. Босилово, пак, ќе имате можност да се запознаете со техниката на изработување каци и плетење рогозини. Ќе видите како од обични пченкарни лисја настанува чудесна рогозина.

Ќе го посетиме и единствениот амутџија во Струмичкиот крај кој ќе ви покаже како се прават амути за коњи, занает кој е веќе во изумирање и токму затоа заслужува да се види.

Жените во с. Брезница, покрај Гоце Делчев, мислиш не ткаат туку ги испреплетуваат боите на природата. Со насмевка плетат, предат, ткаат, пеат. Раскажуваат што се сé спрема за чеиз за убавата невестата. Во престилките, чорапите и чергите вткаени се нивните души заедно со нивната прекрасна песна. Ќе ви ја откријат тајната за тоа како ја изработуваат таа убавина или ќе ви подарат украсна марама за глава, којашто сe преобразува и во прекрасен шал.

Во минатото с. Дъбница се прославило низ цела Бугарија со своите мајстори-тапанџии. Во работилницата ќе се запознаете со изработвањето тапани по стари, низ поколенијата пренесени техники, како и изработувањето на некогашните кавали и дајриња.