
Мокрински извори
По еко-патеката, покрај габери и јавори, ќе го слушнете милозвучниот звук на водата. Наеднаш пред вас ќе се појави Смоларскиот водопад чија вода од 38 метри паѓа по мазна црна карпа. На враќање назад застанете на пазарчето за да купите домашно слатко и планински мед и да се поздравите со новите пријатели. На починка навратете кај фамилија Костови во с. Смоларе каде ќе можете да си наберете еколошки чисти плодови од нивната градината.
Македонска трпеза
Ресторантот „Панорама“ покрај Мокринските извори Ве кани на вкусна традиционална македонска кујна. Тешко ќе одолеете на домашно подготвените манџи и жолтата ракија. Или пак ручајте во природа, на Мокринските извори, уживајќи во звуците на кавалите и старата македонска песна. По ручекот во воденицата во Мокриево ќе ви покажат како се меле житото и како грст пченица се претвора во бело брашно.
Колешински водопади
Под пазувите на планината Беласица незамисливо е колку убавини можете да видите на едно место. Низ шумските патеки ќе го наслушнете жуборењето на реката Баба, а пред Вас ќе се појави најубавото уметничко дело на природата во овој крај - Колешкиот водопат. Никогаш не сте можеле да замислите дека слапови од вода ќе разбудат толку несекојдневни чувства во Вас. Ќе уживате во прекрасната симфонија која ја создаваат многубројните водени потоци, шумолењето на ветрот, шумолењето на лисјата под Вашите нозе, птиците во крошните на дрвјата. Ќе уживате во убавината на овој водопад, дали од мостот поставен пред водопадот или пак од некоја клупа за одмор. Ако сте авантуристички настроени, еко-патеката завршува на ридот. Oд летниковецот за излет на врвот можете да гледате како реката се слева надолу.
И за крај на нашето патување од оваа страна на границата, посетете го археолошкиот локалитет „Ќерамидарка“. Ќе се вратите неколку векови наназад, зашто овој локалитет е спој на два културни стратуми: постариот антички од III-IV век и помладиот со остатоци од средовековна некропола.