
Струмица
Цареви кули
Можете ли да дојдете во Струмица, а да не ги посетите величенствените Цареви Кули кои како светилник се издигаат над градот. Ветрот ги разнесува низ воздухот мистичните легенди од времето на Цар Самуил, за тешките битки и крвавите победи, за деновите кога цврстите неосвоиви ѕидини на Царевите Кули ја одлучувале судбината на градот.
Се спуштаме надолу кон градот да ја посетиме уникатната црква „Св. 15 Тивериополски Маченици“ и Галеријата на икони.
КУД Тримери
Потоа одиме кај фамилијата Лазарови, каде што членовите на ГЗ „Струма“ ќе Ве послужат со домашна баница и домашен леб, ќе ви подготват јанија и ќе ви ги покажат маските од Струмичкиот Карневал. Смеа, радост, весели очи, а не знаете кој се крие зад маската. Ако сакате да учествувате треба само да си одберете маска.
На Момин бунар ќе се освежите со ладна бунарска вода и ќе ја слушнете легендата за болната девојка која му оставила аманет на татка си, по нејзината смрт да ги продаде нејзините алишта и со парите да изгради бунар во нејзин спомен.
Детски карневал
Задолжително ќе треба да ја посетите Орта Џамија, под чии темели се наоѓа стара средновековна црква, како и остатоците од старата урбана палата „Маџук“ од времето на 4-6 век.
Во приквечерието на денот отидете на прошетка по Струмичкото корзо, разгледајте ја старата архитектура во центарот на градот и задолжително пробајте ги струмичките тулумби и неверојатно вкусната боза.